Блокотехна лесно ги приземји „соколите“ и го запечати второто место пред Суперлигата

Кошаркарите на Блокотехна имаа само полесен тренинг во денешниот натпревар на домашен терен против Карпош Соколи (94-81) во првиот меч од 19. коло од Првата лига во кој дојдоа до 16. победа со која речиси и го запечатија второто место на табелата пред Суперлигата.

На три рунди до крајот на првата фаза од шампионатот, гевгеличани имаат три победи повеќе од директниот конкурент МЗТ Скопје, кого вечерва го очекува тешко гостување кај Работнички. Ако „металците“ го освојат Градскиот парк тогаш на составот предводен од Марјан Илиевски ќе им биде потребна само уште една победа во пресметките со далеку послабите ривали Струмица, Фени индустри односно Куманово.

Блокотехна победата во пресметката со сѐ уште актуелниот вицешампион ја осигура уште во првата четвртина, која ја почнаа со огромни 25-3, доволни за мирно одигрување на преостанатиот дел од средбата. Поголема шанса добија играчите од клупата, што беше причина што гостите од Скопје на крајот си заминаа со релативно пристојна негатива.

Седрик Боувен и Стојан Ѓуроски со по 15 поени беа најпрецизни кај составот од Гевгелија, Данило Мијатовиќ постигна 11 поени додека Горан Главчев, Антон Казарновски и Димитар Лазаревски застанаа на десет поени. Американецот Корис Спенс со 30 поени беше најпрецизен кај гостите од Карпош.

Покрај вечното дерби, денеска во рамки на 19. коло уште играат Кожув против Фени индустри (17 часот), Гостивар против АВ Охрид, Пелистер против Куманово (двете од 18 часот) како и Шкупи против Струмица (19 часот).