Блокадата на ДУИ го пролонгира стартот на сезоната во кошаркарската Втора лига

Сезоната во кошаркарската Втора лига нема да почне во предвидениот термин следниот викенд, а нема да се играат натпревари ниту во младинската конкуренција, откако клубовите кои треба да се натпреваруваат во овие конкуренции денеска го кренаа гласот поради недобивање помош од државата според Законот за ваучери.

Претставниците на екипите денеска имаа состанок со предводниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) на кој ги искажаа своите проблеми, но и разочараност што не добија дел од колачот иако тоа им беше ветено. По нивниот прв јавен „крик“ дојде најава за влез на нови четири милиони евра во спортот од кои еден милион беа наменети токму за овие клубови кои се натпреваруваат во понизок ранг. Неофицијално, главен виновник за тоа што измените од Законот за ослободување од данокот за добивка е партијата ДУИ, која надвор од секој разум бара една четвртина од средствата да бидат насочени исклучиво кај клубовите кои важат за албански.

Ова засега е главната пречка што новата финансиска инјекција за федерациите и клубовите не го минала собранискиот филтер, што и тоа како ќе се почувствува на спортските терени. Поделбата по национален клуч не прифатлив за луѓето од владата, кои се иницијатори на дополнувањата во законот, па останува да се види дали во догледно време ќе се „испеглаат“ разликите внатре во владината коалиција.

„Клубовите кои минатата сезона се натпреваруваа во вториот ранг на натпреварување во машка сениорска конкуренција (Втора лига мажи, Исток и Запад) заедно со клубовите кои се натпреваруваат во младинските категории, не добија ваучер за користење на средства од даночно ослободување по Законот за данок на добивка.

Нивниот став и незадоволство денеска го презентираа пред раководството на КФСМ за одложување на стартот на првенството и евентуално откажување од лигата во целост доколку мерките кои претходно беа ветувани и најавувани не бидат исполнети за дополнителен стимул за поддршка и развој на клубовите кои не се натпреваруваат во највисокиот степен на натпреварување во домашното првенство (Прва лига мажи и жени).

КФСМ го прифати ставот на клубовите“, се вели во соопштението од Куќата на кошарката.

Претходно, најава за бојкот најавија и ракометните второлигаши, кои наидоа на разбирање од РФМ и првиот човек Живко Мукаетов, кои им излегоа во пресрет и ги ослободија од плаќање трошоци за официјалните лица на средбите сѐ додека не им биде издаден ваучер. Перо Антиќ и неговите соработници, пак, останаа само на декларативна поддршка на второлигашите, без да си „брцнат во џебот“ и да им помогнат на конкретен начин.