Без парите од „тато и мама“, Антиќ и другарите ќе немаа(т) ниту за – леб (ФОТО)

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) во минатата година имала буџет од огромни, во споредба со некои претходни времиња, 1,6 милиони евра, пари кои буквално им „паднале од небо“ односно не биле обезбедени со работа на терен преку анимирање спонзори туку им биле дадени во вид на џепарлак од „тато и мама“ - Светската кошаркарска федерација (ФИБА) односно Република Македонија.

Според финансискиот извештај кој минатата среда беше усвоен од Управниот одбор, за организација на две Европски првенства (ЕП) во младинска конкуренција, ФИБА на нашата Куќа на кошарката ѝ исплатила 630.000 евра додека за настапите на нашите селекции и за програмата за млади ѝ доплатила уште 75.000 евра. Ова значи дека од Женева, каде што е седиштето на првите луѓе на светскиот баскет, во КФМ за 2019 година се слеале дури 705.000 евра или 44-отсто од вкупниот буџет на нашата федерација со што дефинитивно ја оправдува улогата на „тато“ кој без проблеми му дава „пари за кафе на своето дете“ .

Државата, пак, на сметката на Куќата на кошарката прво уплатила 250.000 евра преку Агенцијата за млади и спорт (АМС) по програма за годината што измина, а потоа и уште 300.000 евра според Заканото за ваучери. Вкупниот износ кој Перо Антиќ, сегашниот претседател кој дојде на власт лани во мај и Петар Наумоски, кој дотогаш беше на чело на федерација, го добија од државниот буџет изнесува 550.000 евра или 34,4-отсто од вкупниот буџет, доволно за епитетот „мама“.

Ваквата дарежливост на двајцата „родители“ е причината што двете легенди на макбаскетот кои речиси ја поделија 2019 година во улогата на први луѓе на КФМ апсолутно не се потрудија сами да обезбедат некој денар за развојот на кошарката. Тоа најдобро се гледа од ставката за приходи од реклами и спонзори, која за минатите 365 дена изнесува само нецели 60.000 евра или минорни 3,7-отсто од вкупниот буџет.

Секако, двајцата претседатели и покрај големиот меѓусебен антагонизам сигурно ќе се сложат во една работа која би можела да им се земе како „олеснителна околност“, а тоа е дека и добивањето на младинските ЕП е нешто за што и самите тие допринеле. Тоа секако е така, но процентот на нивната инволвираност и не е така голем ако се знае дека Македонија повеќе од една деценија важи за одличен домаќин на талентите од Б-дивизијата, нешто за што прв се избори уште некогашниот спортски директор на репрезентациите, Илија Мерџановски, кој во моментов е дел од УО на КФМ и член на Комитетот за итност.

Ако се погледнат и расходите за двете одиграни континентални првенства кај нас во 2019 (475.000 евра), излегува дека Куќата на кошарката заработила околу 155.000 евра од летниот ангажман што апсолутно не е сума за потфрлање. Настапите на нашите националните селекции, пак, во сите возрасни категории ги чинеле предводниците на макбаскетот околу 370.000 евра додека другите расходи заедно со платите и придонесите на вработените во КФМ, меѓу кои, неофицијално, се и двајцата претседатели (секој во својот мандат) изнесуваат околу 430.000 евра.

Ако се направи споредба на приходите и расходите, ќе се забележи дека двете раководства на КФМ во 2019 година работеле со профит со оглед што има позитивна разлика од 240.000 евра помеѓу овие две ставки.