Кошаркарите на МЗТ Скопје без поголеми проблеми поведоа со 1-0 во полуфиналната плејоф-серија против Гостивар (87-68), откако вечерва излегоа како победници во првиот меч одигран во салата „Јане Сандански“.

Првиот чекор од потребните три за пласман во големото финале, „металците“ го направија далеку подобра игра во третата четвртина (27-14), во која всушност ја остварија победничката предност. Гостиварци добро го почнаа мечот и бодрени од стотина навивачи го контролираа ритамот и резултатот сѐ до средината на втората четвртина.

Тогаш домаќинот ја направи првата од двете клучни серии, односно постигна десет поени во низа со што негативата (32-34) ја претвори во позитива од осум поени (42-34). Вториот сличен блесок беше во првата половина од третиот период, кога со серија 12-1 дојдоа до највисоки дотогаш плус 17 (67-50). Ова воедно значеше крај на надежите на гостинот за евентуално изненадување на стартот од полуфиналната серија што се игра до три победи. Точка на победата беше ставена во последниот дел од мечот во кој предноста на домаќинот ја мина и границата од 20 поени.

Предраг Самарџиски одлично ја искористи предноста во височина и со 16 поени и седум скока беше најангажиран кај составот од Аеродром, каде што двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Љубомир Младеновски со 12 и Џејмс Вудард односно Лестер Медфорд со по 10 поени. Тенксли Ефианаи со 15 поени беше најпрецизен кај Гостивар.

Следниот меч од серијата се игра во гостиварската сала „Младост“ и тоа веќе во вторник, додека третиот меч е закажан за в петок во „Јане Сандански“.