Новиот претседател не чекаше многу: Перо Антиќ си ја одбра Владата!

Новиот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ, една недела по доаѓањето на местото на Петар Наумоски, ги одбра луѓето со кои ќе треба да соработува во Управниот одбор, кој во иднина ќе има 15 членови од кои 10 ќе бидат во својство на менаџери, а останатите пет како претставници на здруженијата и асоцијациите на Прва лига мажи и жени, Втора лига мажи, тренери и на млади категории.

Трикратниот европски шампион, разбирливо, не задржа ниту еден „министер“ од составот на претходната влада, а се окружи со релативно добро познати имиња меѓу кои има поранешни играчи и кошаркарски работници кои сега се успешни менаџери. Секако најзвучно име меѓу нив е поранешниот репрезентативец и некогашен генерален секретар на федерацијата, Ѓорѓи Војновиќ, сега прв човек на Триглав осигурување, а заедно со него е и некогашниот спортски директор, Илија Мерџановски, кој доаѓа од фирмата Искра Словенија.

Кошаркарски бекграунд има и Ненад Атанасов, поранешен кошаркар на Работнички и младински репрезентативец, а меѓу одборниците се најде и некогашниот кошаркар на МЗТ Скопје, Дејан Димов, кој го носеше сино-белиот дрес во историската победа на овој тим над Реал Мадрид во 1996 година.

Меѓу тие што ќе треба да се грижат за функционирањето на КФСМ, пред сѐ во делот на обезбедувањето на потребните средства се Сашо Блажевски од Прилепска пиварница, Владимир Арсовски (Урбан план констракшн), Блаже Костадинов (Кодинг Горска) и Митко Љочев (МТ промет).

Ова всушност е предлогот за УО од страна на Антиќ, кој по автоматизам е и прв меѓу еднаквите „одборници“. За предложените министри ќе се гласа преку Дописно Собрание, а клубовите своите гласови ќе треба да ги достават најдоцна до утре во 12 часот.