Антиќ на „жешко столче“: Клубовите сами решаваат, ако не им се допаѓам - прв ќе си одам (ВИДЕО)

Поранешната играчка легенда на макбаскетот, Перо Антиќ, ја привршува втората година од мандатот како претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), по што, според Статутот, клубовите првпат ќе добијат можност да гласаат за негова евентуална смена, нормално ако за тоа има официјално барање и критична маса меѓу членките на Собранието.

Токму поради тоа, а и поради критиките на негова сметка во последно време за неисполнување на поголем дел од предизборните ветувања како и поради неуспехот на репрезентацијата да се пласира на ЕП 2021, самиот Антиќ го искажа своето мислење. Во емисијата „Жешко столче“ тој проговори на оваа тема.

„Мандатот во КФМ е четиригодишен, но има опција две со две, ама нека биде и една со една, воопшто не ми е важно. Ако не им се допаѓа работењето, условите, нека донесат подобар, слободно. Ниту сум врзан за таа функција, ниту било кој треба да биде врзан за функција, сѐ треба да биде за доброто на кошарката. Ако не им одговара, јас ќе најдам друг предизвик, тоа е најмал проблем и со најпозитивно сеќавање би си заминал од таму. Клубовите одлучуваат, здруженијата, ако не им се допаѓам прв ќе си одам“, изјави меѓу другото Антиќ.

Предводникот на македонската кошарка во останатиот дел од емисијата говори и за својот приватен живот, за препирките со МЗТ Скопје пред една година, за времето минато во НБА...

* делот во кој говори за КФМ е на 10:30 минути од видеото