Антиќ ја објави одлуката: Кошаркарската елита ќе почне за – десет дена!

Годинешниот последен ден од месец октомври ќе биде забележан во историјата на макбаскетот како најдоцнежен датум кога почнала сезоната по осамостојувањето на Македонија, откако Перо Антиќ денеска, по долго размислување, штуро објави само кога ќе почне првенството во Првата лига.

Причина што кошарка не може да се игра во викендов што претстои е изолацијата во која беа МЗТ Скопје, Вардар и Академија ФМП, а кои дури вчера се вратија во тренажен процес.

„Раководејќи се според актуелниот здравствен и безбедносен билтен кај клубовите од Прва лига-мажи и имајќи го во предвид фактот дека екипите кај кои беа забележани позитивни тестирања од Ковид-19 не можеа да го реализираат во целост тренажниот процес пред 21. октомври, раководството на федерацијата одлучи првото коло од новата натпреварувачка сезона 2020/2021 да се одигра на 31. октомври.

Во таа насока, секој учесник во натпреварувањето пред почетокот на натпреварувањето е должен да потпише изјава-согласност со која ќе потврди дека ќе ги почитува општите мерки за превенција и заштита од Ковид-19 кои важат во делокругот на кошаркарскиот спорт, како и дека ќе ги почитува најавените протоколи за превенција и заштита од Ковид-19, од страна на надлежните државни органи и од страна на федерацијата. Вклучително и посебните мерки за превенција и заштита од Ковид-19 наложени од организаторот на натпреварувањата во рамките на федерацијата.

Федерацијата секојдневно ќе ја следи состојбата во нашата држава од здравствен аспект и во консултации со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, по потреба ќе бидат донесени и дополнителни одлуки за почеток и реализација на понатамошниот тек на натпреварувањето“, се вели во штурото соопштение потпишано од првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Со оглед што од Куќата на кошарката не објавуваат други детали, логично е да се заклучи дека првенството ќе почне во вообичаен формат, според системот дома-гости, а не турнирски во т.н. „балон“. Останува да се види како сето тоа ќе изгледа и колку кола ќе се одиграат до репрезентативната пауза, која, неофицијално, би требала да почне на 15 ноември.