Многу значајни имиња за клубот и македонската кошарка воопшто на терерот, повеќе од солидно пополнети трибини, позитивна атмосфера и еден куп атракции е епилогот од вечерашниот хуманитарен меч помеѓу првиот состав и ветераните на Работнички, кој се одигра во салата „Градски парк“.

Целта на овој хепенинг беше да се соберат што повеќе средства за помош на Ирена Танчева, 25-годишна мајка на две деца, која остана неподвижна по тешка сообраќајна несреќа направена пред една ипол година и на која ѝ и потребно скапо лекување во Русија.

На едно место по долго време во ист дрес се најдоа поранешни шампиони во црвено-белиот дрес како Перо Антиќ, Марјан Србиноски, Тодор Гечевски, Перо Блажевски, Ристе Стефанов, Енес Хаџибулиќ, Александар Јончевски, Тони Симиќ, Борис Нешовиќ и Александар Димитровски, кои од клупата беа диригирани од легендарниот Лазар Лечиќ. Тие го намачија составот на Марин Докузовски, кој на крајот победи со 104-101.

Резултатот, сепак, беше во втор план, а неколку стотината присутни имаа можност да ја покажат својата хуманост во кутиите за донации кои беа поставени во салата.