Амбициозниот Гостивар потклекна: Одличниот Мекиќ му донесе два од два на Куманово!

Екипата на Куманово дојде до втората по ред победа во новата сезона во Првата лига, откако вечерва, во дербито на колото, без поголеми проблеми го совлада амбициозниот Гостивар со 75-63 (17-16, 18-11, 21-21, 19-15).

Најзаслужен за триумфот на кумановци беше репрезентативецот Адем Мекиќ, кој средбата ја заврши со 26 поени и осум скока. Домаќинот воедно шутираше далеку подобро, а имаше и двоцифрен број повеќе скокови од незгодниот ривал (46-31). Одличен кај кумановци беше и Мирко Ковач со 13 поени и шест скока. Фурстингер и Сегариќ со 19 односно 13 поени беа најпрецизни кај Гостивар.

Вчера се одиграа останатите средби од 2. коло во кои Работнички и МЗТ Скопје ги „згазија“ Пелистер односно Шкупи, Кожув беше подобар од АВ Охрид, а Блокотехна како гостин го совлада Фени индустри. Слободен беше Вардар.