Вардар може ќе биде слаб, ама да не стане слабак

ВЛАДКО АРСОВ

Светлата на „Ланксес арена“ оваа пролет огреаја нов европски првак. На Вардар му остана само да се сеќава на виулицата од шампионски конфети и да стиска заби од оваа болка, кога успехот за секунди ве одминува. А ракометните ентузијасти од Македонија, пак, поставуваат горко прашање: кога/дали повторно ќе имаме привилегија да се нервираме во најпопуларната ракометна сала во Европа?

Не се толку остри милиметарскиве порази, колку шилото на непознатата иднина кое виси пред очи. Можеби и не е грешка што побегна пехарот, чисто од аспект да нема залажување, ами предупредување од реалноста дека Келн нема туку така да стане дестинација за пролетна екскурзија.

Целиов фајналфор годинава беше симбол на непредвидливиот развој на ракометот. До него не можеа да допрат величини како Барселона, Веспрем, Фленсбург, Кил, а шампион стана екипа која доаѓа од вториот ешалон, кој требаше да важи за послаб. Но, на терен не важи кој за што важел, туку правилата на „сега и тука“. Поради истите тие, мултимилионерскиот проект од Париз трета година останува без титула и поради нив Вардар одигра послабо од што може.

Среќа што владее општа непредвидливост, па во неа се претопуваат приватните причини за несигурност на Вардар, како неизвесноста за иднината на брендот, почнувајќи од август кога Сергеј Самсоненко најави заминување; финансиските недоследности, кои траеле со месеци; сознанието (како црв во свеста) дека капетанот го напушта бродот, а со него и шест колеги; отсуството на јасни, јавни и престижни засилувања за идната сезона кои го продлабочуваат сомнежот.

Со ваква сценографија зад себе, добро е што вардарци воопшто стигна до Келн и беа конкурентни. Да беше сè токму и како што треба, не смееше да биде дозволиво токму во полуфиналето да се случи еден од најслабите мечеви во сезоната, без идеја во нападот, со сосечени крила, со затворени пивоти, без контранапад... Патрис Канаје го надмудри Раул и му ја фрли ракавицата за следната сезона, кога ќе се бијат на тврдиот француски паркет.

Шпанецот не се збогува како што посакуваше, иако заслужи. Дури и вардарци заслужија, со подобрата претстава во „малото финале“ со ПСЖ, а да не зборуваме, пак, за пошироката слика. Цела сезона беа на дофат до перфекција, без вообразени комплекси на шампион кој ја остварил целта, па се заситил. Раул изваја една екипа која предизвикуваше восхит и сигурно ќе остане пример за понатаму. Вардар во овој состав направи премногу за да може еден загубен, сепак конкурентен фајналфор да го расипе впечатокот.

Меѓутоа, колку и да биле мили, играчите и тренерите си одат, она што останува е името и наследството гравирано во него. РК Вардар има преголемо за да биде дискреционо погребано како она на ЖРК. Затоа мора да продолжи да вирее, со или без Келн. Нека е тимот послаб, само да не стане слабак. Сè додека реномето на Вардар е приоритет, а квалитетот е стремеж, нема да згасне надежта дека некоја пролет повторно ќе се нервираме за цената на билетите во „Ланксес арена“.