Македонијо собери ги крилата - толку ни е силата!

ВЛАДКО АРСОВ

Уште еден голем настап на македонската ракометна репрезентација посеа во јавноста низа прашања, обвинувања, познати искази: “зошто не игравме подобро?; ова мора да ни биде поука; како промашивме толку зицери?; младите веќе не се таленти; до кога на грбот на Кире?; ова е искуство за младите; добро е и што играме на Светско; Зошто не го зедоа Прибак? Подобро што не го зедоа Прибак; Бевме детска градинка; како по пензионирањето на Кире Лазаров?; Дали освоеното 15. место е неуспех?“

Некој можеби има одговор на сите прашања и знае да стави капаче на секоја забелешка. Овој текст нема таква амбиција, туку само ќе се обиде да се движи по теснецот меѓу објективноста и личниот став. А тој веќе е истрошен од упорно помирување на реалноста и надежите за македонската машка ракометна репрезентација. Од 2012 наваму тие се безнадежно разидени, па задолжително имаме проблем со себе кога гледаме натпревар на ЕП или СП.

Проблеми има и на теренот, ги видовме во секој од седумте натпревари на Македонија. Против Јапонците имавме 29 примени гола, при 20 одбрани на голманот, против Бахреин нападот ни секна 11 минути, со Хрватска бевме прочитан буквар од Червар, против Шпанија успеавме да упропастиме цело полувреме за три минути, со Исланд повторно црна дупка од десетина минути и повторно многу утнати зицери...

Можеби и требаше да си покажеме колку сме биле зависни од Филип Миркуловски. Дојдовме, речиси, без класичен среден бек, со тројца Филипи горостаси како кандидати да го менуваат, но нивните квалитети се загубија во преокупираноста и настојувањето формацијата „7 на 6“ да функционира. Нашиот стил на игра едно време заличи на некојси подвид на ракометот, во кој не се шутира од девет метри, а топката предвидливо тече кон крила и пивоти. Чест е да се има поткован и темелен стратег како Раул Гонзалес, но нашиот напад не смееше да биде програмиран, со очекувани „багови“ и видливи слабости, без способност да еволуира и да биде флексибилен по потреба.

Можеби ќе се зачудите со податокот дека Македонија е водечка по број на асистенции досега на СП – 121 – а од друга страна сме на дното по процент на реализација со 57 отсто, подобри само од Јапонија, Саудиска Арабија, Австрија и од Тунис. Промашувањето зицери не е нешто што се поправа на посебен тренинг или час и во врвниот спорт е прецизно мерило за квалитет и класа.

Понатаму, темата „млади“ изби на површина уште при селектирањето на потенцијалните мундијалци. Бездруго, неопходно е да се подмладува, но нашите млади повеќе беа потполнување на записникот со 16 имиња, отколку вистинска алтернатива. Притоа, мора да се потенцира „млади“ овде не значи по години, ами по репрезентативен стаж. Талески и Кузмановски се четири години помлади од Чурлевски и врсници со Крстевски, но имаат поголема километража во нозете и затоа мораше да се издвојат повеќе од само повисоката минутажа. Ова, веројатно, беше последно првенство во кое Кире Лазаров ја влече репрезентацијата. На следното тој ќе има, речиси, полни четири децении и, просто, е недозволиво тие да се во негова сенка и да нема кој да потегне.

Впрочем, тие двајца ни се и надежта на нашиот репрезентативен ракомет, но од друга страна се симболика за тоа како кај нас одат работите. Ве молам, немојте повеќе да правиме споредби со Сагосен, Ремили, Ричардсон итн., бидејќи во Македонија доцнат и автобусите, политичарите, театарските претстави, термините за лекар – камо ли еден долг и сложен процес на создавање спортски лидери.

Ако сакаме да ги срочиме сите причини за овој настап на СП во неколку збора, резултатот би бил: Толку ни е силата! И на минатото СП бевме 15. место без победа против европска селекција...а со Миркуловски во составот.

Предизвикот е како силата да ни стане поголема. Ако нешто ни покажаа ова Светско и минатото Европско, тоа е фактот дека проблемите допрва ќе ги има, па може да се случи ова 15. место од Минхен и од Келн да не изгледа толку лошо за некоја година кога без Лазаров (не дај Боже) ќе се мачиме во некои квалификации. Ова СП беше само кивавица пред грипот кој зема сила да нè кутне. Белки нема да дозволиме и ракометот да ни биде болникав како и другите спортови кои сонуваат да ја видат светската сцена.