Од кога тоа зборот „индијанци“ е национализам?

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Откако на виделина излезе сета некултура од таборот на новиот шампион Шкендија по победата пред една недела против лутиот ривал Вардар, скандалот доби „трето полувреме“ со отворената војна на тетовци против ФФМ поради одјавата на портпаролот на куќата на фудбалот во последната емисија во која беше осуден „индијанскиот начин“ на прослава на победата.

Шкендија фудбалски сезонава заслужено стана првак. Седум кола пред крајот тетовските црвено-црни ја запечатија својата втора шампионска круна, но дамка на страшно добрата сезона на теренот остана скандалозната прослава во соблекувалната на Националната Арена „Филип Втори“ во која фудбалерите громогласно грмеа: „Ајде Вардар, пуши ми го к...“.

Дури и фудбалерите на социјалните мрежи се фалеа со потегот, со „грстот од презир исплукан кон големиот ривал“ како кулминација на еуфоријата дека по три години успеале да ја преземат круната од најтрофејниот македонски клуб. Селскиот манир и најниското ниво на култура го осуди јавноста, но Шкендија како секогаш досега, реши да биде лицемерна па проблемот и смешно го префрли на друг терен, во војна со федерацијата, која иронично, многупати досега, „заштитнички“ застана на нејзина страна.

На Шкендија ѝ пречел „националистичкиот модератор“ во емисијата кои го навредил клубот со зборот – индијанци (!?). Најавија тетовци бојкот на ФФМ и прес-конференцијата пред финалето на Купот, побараа извинување од гласноговорникот, па дури и тргнаа да тераат своја политика, дека целата албанска заедница во Македонија била навредена од „националистичкиот испад на портпаролот“.

Но, од кога тоа зборовите индијанци или индијански начин станале – национализам? Или оваа вештачки предизвикана бура е само обид за Шкендија повторно да нè издрибла сите и својата одговорност да ја префрли како вина на друг? Да не треба можеби и Вардар да се извини што загуби на теренот и со тоа ја испровоцира „индијанската прослава“ на тетовци? И како тоа еден збор искажан од устата на еден бивш репрезентативец на скандалозно „дерби“ на Чаир пред две години сега се претвори во националистички испад? Зборот „индијанци“ нема ама баш ништо националистичко, зашто индијански, а можете да си го додадете и зборот „каубојски“, може да биде само синоним за човек или луѓе кои се однесуваа спротивно на сите правила и вредности во едно општество.

И во целата оваа комедија, сакале или не, ФФМ е најголемиот виновник. Не затоа што портпаролот на куќата на фудбалот јавно рекол „индијански начин“ на прослава, туку само поради тоа што „индијанците“ не се казнети. Тоа што ФФМ јавно го осудила „индијанскиот начин“ не помага премногу. Ако ѝ се може на ФФМ да ги казнува клубовите со стотини или илјадници евра за испади на навивачите по секоја основа за дискриминација и презир, може да го казни и секој клуб чии фудбалери исто така некултурно и со презир се однесувале кон противникот. Арно ама, ФФМ мудро си премолче, оти за такви постапки имало материјал за постапка, но не се спроведувала оти ова било Македонија, а тука на стадион доаѓале сите што сакале да се „издуваат и да пцујат сè живо“.

Најниското ниво на култура кое го видовме од соблекувалната тешко се брише, а клубот и осум дена по скандалозниот настап на дел од фудбалерите – јавно не се извини. Се извинија дел од фудбалерите, меѓу нив и капитенот Ферхан Хасани, дека направиле грешка со тоа скандирање и тоа веројатно ја покажува човечката големина на нив самите, но не ја покажува големината на клубот кој има(л) амбиција да биде европски. И кога ќе ја погледнете снимката како фудбалерите пеат со презир кон противникот, начинот на прослава не е ништо повеќе од – индијански! Преблаги би биле зборовите срамен, некултурен, неспортски...

И секако, не држи „перењето“ на мозокот, кое се обидуваат да го направат медиумите на албански јазик, дека постапката на фудбалерите на Шкендија од скопската соблекувална било одговор на прославата на вардарците за пласманот во Лига Европа. Скопските црвено - црни тогаш тоа го правеа на приватна журка во кафеана, организирано од навивачите, километри далеку од најблискиот спортски објект. Кој може некому да му замери што да прави во своето приватно време, далеку од спортското борилиште?