Со импровизација - нема европеизација!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Најголемиот македонски клуб Вардар со еден бод ја заврши првата есенска евро-авантура во групите во Лига Европа, во годината во која македонскиот фудбал процвета почнувајќи од настапот на Евро 2017 (еден бод), пласманот во елитните групи на младинците до 17 и 19 години и сериозниот напредок на А-репрезентацијата од 90 места на ФИФА-листата. Но, кога се ќе се собере и одземе, прво прашање е дали фудбалска Македонија е (не)зрела за Европа?

Црвено-црните го завршија својот дебитантски настап со само еден бод, резултатски како најслаби меѓу 48-те екипи во второто по ранг натпреварување. Фактот што Вардар е во друштво на 80-те најдобри екипи на Стариот континент (32 играат во елитната ЛШ, 48 во ЛЕ) е успех за паметење. Според настапот, епските 180 минути со Фенербахче, „балканскиот Реал Мадрид“ беа зенитот на црвено-црните, па играњето во групите остана само задоволство за собирање искуство, кое се претвори повеќе во мачење. Дали Вардар од Лига Европа доби или загуби повеќе ќе покаже идното лето... Какво и колкаво е искуството од овие речиси четири месеци и дали лекцијата есенва Вардар ја научил многу брзо ќе се види? Единствен одговор и мерило секогаш е – (не)успехот. Во случајот, тоа ќе биде во следните европски квалификации.

Нема сомнение дека настапот во Лига Европа е успех од најголеми размери за македонскиот фудбал, но за да се биде дел од Европа треба многу повеќе од желба и импровизација. Имањето само желба одамна не минува на Стариот континент. За Европа треба многу повеќе - идеја, креативност, маркетинг, квалитет. Ете, Вардар играше во Лига Европа, направи успех со пласманот, но прашање е дали тоа што вардарци постојано си го лепат како етикета дека се „европски клуб“, навистина е така? Мина историскиот настап и кога ќе се подвлече, тешко дека црвено-црните, на жал најмногу на своите навивачи и приврзаници, го покажаа тоа што сака да биде во големото друштво – голем европски клуб.

Европа со 22-23 фудбалери не се игра. Не се игра во континуитет, затоа што ритамот меч на секој трет ден е преголем напор за било кој тим, а кога имате играчки погон во кој најголемиот товар паѓа на 14 фудбалери, во случајот најдобриот тим и трите замени – тоа е и премногу. За Европа и мечеви со гиганти како Зенит, Реал Сосиедад, па и Розенборг треба многу поголем играчки квалитет од актуелниот, затоа што ова не е македонска лига во која доминацијата значи дека клубот е европски калибар. Европа не трпи импровизации, па успеси со доцнења на плати, незадоволство, па нешто повеќе од задоволството „важно учествувавме“ не може ни да се сонува! За Европа никој не се подготвува на ораници и „свињарници“ од терени... 

Вардар ја затвори фудбалската 2017 година во која ако се погледнат успесите, какви што земјава не видела, некој отстрана ќе рече дека сме европска фудбалска сила. Ама, ако подзагребеме од розевата лика ќе го видиме тоа што сите однапред го знаат – катастрофална инфраструктура, фудбалери кои едвај крпат крај со крај, клубови во или пред распад... Какви резултати се испорачани, а какви проблеми има македонскиот фудбал, овие успеси се рамни на трофеи. И ова задоволство, толку сите ги опива, па веќе се поставуваат следни и нереални цели.

Само прашање е дали ние навистина сме за Европа? Ако се погледне основата, ние не сме ниту за Бурунди, камо ли за Европа. Само што сите во фудбалот, денес, сакаат да живеат во нереалниот свет, како што живееа кошаркарите по епската 2011 и четвртото место на континенталниот собир. Живеењето во својот свет дека сме некаква сила, ја донесе кошарката до претквалификации, на самото дно.

Ако, во фудбалот луѓето не се рабудат од убавиот сон, како кошаркарите, оваа шминка од 2017 за наша фудбалска ренесанса многу пореално е да ни донесе шлаканица и да не тресне од дното, отколку да донесе нови големи радости и успеси. Фудбалот одамна е чист бизнис. Ако сакате успех, мора сериозно да инвестирате, за тој потоа да се врати.

Сè друго е чиста импровизација и ништо повеќе од тоа.