Илчовото помина и - да не се повтори!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонскиот фудбал остана без прв човек по шестгодишно владеење на Илчо Ѓорѓиоски, откако вчера со трогателно писмо објави дека заминува во Европската фудбалска унија (УЕФА) „преземајќи одговорност во тешките моменти да се раздели со ФФМ, за одговорно да работи во европската централа и да го даде придонесот во фудбалот“. Но, првото прашање е што остави Ѓорѓиоски по шесте години владеење во македонскиот фудбал?

Само еден ден требаше да помине од неговото заминување, па македонската јавност да сфати дека Ѓорѓиоски со сите свои фалби преку медиумските мегафони за добро сработените шест години, всушност се обидува(л) да создаде лажна слика за „доброто“ функционирање на нашиот фудбал. Ефектот од (не)работењето се виде веднаш - во изминатата недела по комплетирањето на првото коло во европските натпреварувања. Македонија едвај остана со еден претставник (Шкендија), а замислете Луксембург ќе има три во второто коло.

Ова ли е наследството што Ѓорѓиоски ни го остава како „најдобар претседател на ФФМ“? Ова ли е тоа што ни останува по неговата „одговорна“' работа. Како тоа ние сме изградиле препознатлива игра, ред и дисциплина, борбен дух, глад за победи...? Реално, за шест години, неговото наследство се само фалбите, зборовите и еден златен момент – организацијата на УЕФА Суперкупот. Сè друго е - тотален хаос.

Ако почнеме од почеток, Ѓорѓиоски од ФФМ направи бирократски апарат, еден вид „министерство“, па го оттуѓи фудбалот од фудбалерите и фудбалските работници. Од ФФМ направи фирма, која повеќе личи на градежна компанија отколку на фудбалска организација, која од година во година стана мајка за едни, маќеа за други. Направи корпорација каде што буџетот само за плати надминува еден милион евра, пари што половина државни министерства го немаат. Од основниот темел на фудбалот - играчите, направи робови кои мора да играат за беспари. Тешко на тој што креваше глас - следеше инстант суспензија. Илчо дури се дрзна да влезе во делот што не е негов домен - сакаше да го контролира и Синдикатот на играчи, со желба да направи паралалено здружение, сѐ со една цел - да има контрола над сè. Успеа да го подели фудбалот - на послушници и неподобни, да деградира фудбалски имиња, да направи длабок јаз во кој неговите ќе климаат со глава на секоја негова идеа, а тој што ќе се спротивстави - беше уништуван.

Ако зборуваме за наследство – токму ова е тоа што ни го остава Ѓорѓиоски. Длабоко поделен фудбал!

Доскорешниот претседател на ФФМ воопшто не помогна да се издигне Првата лига. Не дозволи независност на прволигашите - држеше сѐ во свои раце. Од судии и делегати, до разноразни комисии кои се натпреваруваа меѓу себе кој понебулозна одлука и казна да донесе. Сѐ, само да му се удоволи на вождот.

Ѓорѓиоски најсебично се обиде дури и да ја „украде“ заслугата за пласманот на младинското ЕП, успех кој целосно му припадна на селекторот Боби Милевски и неговите избраници. Да, истите тие избраници, кои претходно „јадеа“ суспензии од Комисиите раководени од послушниците на Ѓорѓиоски. Каква ли само дволичност?

Дрско и безобразно е фалењето дека „некои во овие години го чистеле здравото од нездравото ткиво на македонскиот фудбал“. Првата лига никогаш не била похаотична, со толку многу проблеми и незадоволства. Второлигашката конкуренција, пак, е само приказна за себе и – ништо друго освен дива лига. Третите и четвртите лиги воопшто и да не ги споменуваме, затоа што таму фудбал и не се игра.

Да се чистело здравото од нездравото, немаше да излезат толку многу комични скандали низ регионите, немаше да умира фудбалот во одделни делови во земјава, немаше да згаснуваат клубови, да не се играат мечеви, а да се пишува дека биле одиграни!?

Да се чистело малигното ткиво немаше да имаме Прва лига во која правилниците и одредбите не играат улога, туку политикантските „шеми“, а уште помалку ќе имавме скандали со намалени казни по крупни дисциплински прекршоци. Немаше да имаме фудбал без публика! Немаше да имаме севернокорејско Собрание на кое делегати доаѓаат за ситно паушалче, без дебата, без идеја како нешто да напредне.

Да се чистело здравото од нездравото, одамна таа чистка требала да се случи, а ако имал Ѓорѓиоски доблест и образ, а пред сѐ одговорност, одамна ќе се повлечеше од функцијата.

Вака, по неговото заминување останува само една вистина од неговото писмо – дека ни треба радост и барем некаков оптимизам. Најголемиот дел од фудбалската јавност со неговото заминување, барем малку ја доби радоста и оптимизмот. Арно ама, слаба утеха ни е тоа што добиваме радосна вест дека ќе има промена во ФФМ. Прашањето е кој и како ќе ја сноси одговорноста за создавањето на нездрав фудбал сиве овие години? 

И дали конечно ќе се најде мажиште кој еднаш засекогаш ќе реши да го исчисти нездравото фудбалско ткиво и во Македонија да постави темели на кои ќе се гради една поголема, поуспешна и поблескава фудбалска иднина.