ФФМ потроши милиони евра за - НИШТО!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Дојдоа големите гости од Европа, па остана запишано дека ФФМ во тие два дена доби куп пофалби. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин е презадоволен од инфраструктурата, Марко Ван Бастен среќен што Македонија ужива во фудбалот додека Давор Шукер потенцира дека раководството и делегатите во Собранието се – богатство на македонскиот фудбал. И, како цреша на тортата, дојде самобендисаното фалење на првиот човек на нашиот фудбал, Илчо Ѓорѓиоски, дека 2017 година била историска и тоа буквално за сè.

Зад нас е недела во која објавивме еден куп непродуктивни трошоци кои ги направила ФФМ, трошејќи го рекордниот буџет од 10 милиони евра. Тоа го наметнува прашањето кого лаже Чеферин за инфраструктурата, нас или сам себе и тие што громогласно му аплаудираа? Прашање има и за легендата Ван Бастен, како тоа Македонија ужива во фудбалот, кога никој не сака да стапне на трибините? А, посебно се дискутабилни пофалбите од Шукер, кое е тоа богатство што го има македонскиот фудбал од ФФМ? И, ретко кој знае зошто Ѓорѓиоски вели дека 2017 година била историска.

Редно е да му објасниме дека минатата година не е историска по ништо. Историја може да пишуваат Исланѓаните, кои не паднаа во транс во 2015 со настапот на ЕП за младинци, туку наместо фалбаџиство, си ја тераа агендата. Па, Исланд, кој за потсетување е пет пати помал од Македонија, играше на Евро 2016, а ќе игра и на СП годинава во Русија. Стигна и до „топ 20“ на ФИФА-листата. Е, тоа е историја, господа од ФФМ, а не прво да урнеш нешто до очајното 166-то место, па потоа со неколку победи да стигнеш 90 места напред, закован во квалификациите на самото дно. Што е господа од ФФМ историски во младата селекција? Самиот настап на ЕП или тоа што се покажа дека немаме систем и стратегија, па набрзо потоа ни се случи – Гибралтар (!?). И, според кој систем на вредности историски е пласманот во главна фаза на елитни квалификации?

Шукер ги испофали „фотелјашите“, кои со години наназад не се ништо друго освен привилегирани „фудбалски работници“ со буџет од над сто илјади евра за паушали, телефони, шетања, гоштевања... И кои, патем, не решиле ниту еден проблем, а кои ги има еден куп во македонскиот фудбал. Поради такви како нив, речиси нема фудбалер кој спасот не го бара надвор од државата, а дури и една Албанија стана „рај на земјата“ за нашите фудбалери.

И, ако сме така развиени, а посебно инфраструктурно напреднати, како што потенцираа гостите од УЕФА, како тоа во Кратово две недели не се игра прволигашки меч? Ако падне дожд тогаш е поплава, а ако падне само милиметар снег – пак нема услови за игра?! Ова ли е толку фалената инфраструктура за која за две години се потрошиле три милиони евра. Со проста математика, со по половина милион евра за терен, досега ќе имавме шест врвни стадиони за прволигашки мечеви. Арно ама, Чеферин не знае ништо. Зошто не го однесовте вчера во Тетово, да го види како на снег и на распаднат стадион едно полувреме се игра фудбал со „невидлива топка“. Па, тогаш да видиме дали ќе каже дека инфраструктурата е добра, а македонскиот фудбал се развива.

Ван Бастен дефинитивно нема поим како е во Македонија, бидејќи да знаеше ниту во сон немаше да каже дека Македонците уживаат во фудбалот. Ако мислел на европскиот, за пред телевизор, тогаш е во право. Но, ако е за домашниот, тогаш - ептен го излажале. Зашто на стадионите нема жива душа. Дербито се игра пред едвај 300 гледачи, кои 90 минути се мачат за да видат нешто фудбалско. Тешко дека ова би се нарекло уживање во фудбалот.

После сè, Ѓорѓиоски баш и не треба да спие на пофалбите од „белиот свет“, зашто колку и да е лош како претседател, факт е дека разбира фудбал. А, треба да разбере само една споредба. Кога дојде, беше дочекан како „спасител“, а првите квалификациски мечеви во неговото владеење донесоа преполна Арена (со Србија и Хрватска). Ете, шеста година почнува да изминува како е на чело на ФФМ, а гледачи на репрезентација има сѐ помалку. Лажна е сликата дека се полнел стадионот со Шпанија и Италија, реалноста е колку имало со Турција, Белорусија. Струмица се наполни со Албанија и со Лихтенштајн, ама таму вкупната публика не може да наполни ни цела северна трибина на стадионот во Скопје. Тоа е сликата Илчо треба да ја види и да одговори зошто е тоа така? Зошто довербата во него и во макфудбалот од октомври 2012 до февруари 2018 е загубена и тоа - целосно.

Затоа, Македонија за жал, не испишала историја ниту во 2017 година ниту претходно. Таа допрва треба да се пишува и тоа само ако огромниот буџет почне правилно да се инвестира во фудбалот, а не за проекти кои ќе задоволат лични апетити и ќе создадат пропаганда дека македонскиот фудбал цвета. Сè додека постојат само силни фалби и гледање лични интереси, фудбалерите ќе останат заглавени во калта, а спасот ќе го бараат во - туѓина.