Ете зошто треба(ше) #РеВардаризација!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Вардар пред три дена напиша историја, го исполни сонот да игра европска есен во групната фаза во Лига Европа. Најтрофејниот македонски клуб во годината во која слави седумдецениско постоење само го потврди тоа за што беше создаден на 22 јули 1947 година – да победува и да ја радува Македонија. Вардар секогаш бил локомотивата на македонскиот фудбал, а ете и сега, црвено-црните го покажаа тоа, по 26 години независност и талкање на македонскиот фудбал успеа да го промовира своето име, својот град и својата држава во Европа.

Нема вљубеник во фудбалот што не се израдува на вардаровиот успех, на беспоштедната битка на играчите, на дисциплинираната игра, на херојските дуели, на головите... Нема навивач што не трепереше во секоја секунда од пресметките со Малме, Копенхаген, Фенербахче. Немаше човек што по последниот свиреж на судијата на „Шукру Сараоглу“ во Истанбул во еден здив не ги величаше црвено-црните херои, кои низ шесте квалификациски мечеви до последен здив се бореа за историскиот успех. Затоа и Вардар заслужи да биде величан. Заслужи за секој ден пролеана пот во овие три ипол години, заслужи за сите инфраструктурни проекти, откако почна конструирањето на проектот „европски Вардар“. Ја заслужија и славата со пласманот, и парите што ги заработуваат, и паричните награди што ќе ги добијат од УЕФА. Тоа што е најважно Вардар покажа дека во Македонија се игра фудбал, дека успехот на младата селекција не е случајност, дека во земјава има фудбалски квалитет, дека македонските фудбалери не се „трета класа“, затоа што успехот е остварен со најголем дел домашни фудбалери, најголем дел наши (сегашни и бивши) репрезентативци.

Историјата е напишана, базата одамна поставена и со тренинг-кампот и со фудбалската академија. Ревардаризацијата на клубот е почетокот на враќањето на душата на гигантот. Успехот со пласманот во Европа доаѓа како шлаг на торта, но сето ова сега носи уште поголема обврска да не се застане тука. Пласманот во Лига Европа мора да биде почеток за уште поголеми успеси, а тоа е пласман и во Лигата на шампионите во следните години. Тоа што Вардар има база, што има европски услови, кои финансиски пласманот ги извади со паричната награда од УЕФА, значи дека црвено-црните со умна политика и со многу труд мора да чекорат скалИло по скалило за уште поголеми достигнувања. А, врвно достигнување за клуб од мала земја би било – постојано учество во есенските групи во Европа. Нешто како што Динамо Загреб до летово имаше во серија, цела една деценија играње во групите на Стариот континент (без оглед дали е Лига шампиони или Лига Европа).

Вардар мора да цели да биде уште поголем. Во последните шест месеци, во клубот се случува ревардаризација. Имињата како Дарко Панчев (спортски директор) и Чедомир Јаневски (тренер), две легенди од шампионската генерација од 1987 година се најава за враќање на вардаровиот дух во клубот. Но, една-две ластовички не пролет прават. На Вардар му треба секоја легенда што може да помогне и да го засили клубот во сите сегменти. Но, тоа што е најважно за комплетна ревардаризација му требаат – илјадници вардарови навивачи. Не тие сто, двесте, петстотини што доаѓаат на секој меч или на секој втор дуел, туку најмалку десетпати повеќе приврзаници на трибините. Ревардаризација не е само враќање на легендите, туку враќање на скопската публика на трибините. Ревардаризација е повторно всадување на љубовта кон црвено-црните од најмалите, до сите тие што одамна „се откажаа“ од клубот низ годините и децениите испреплетени со големи падови, неквалитетен фудбал, неатрактивни противници. На Вардар му треба поддршка затоа што овие фудбалери го заслужија тоа. Овој успех сега е шанса да се покаже дека Вардар е – една љубов, еден живот!

Гача, Грне, Хоф, Новак, Демири, Николов, Фелипе, Шиле, Тигран, Џигаури и останатите заслужуваат да бидат видени и со Малме и со Скопје, и со Фенер и со Академија Пандев, и со Зенит и со Ренова, и со Сосеидад и со Победа... Успехот во Европа на трибините против Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг сигурно ќе донесе десетици илјади гледачи, но сега е шансата да се покаже дека Вардар е најголем и на тие 20-на мечеви дома во првенството и Купот. Вардар мора да најде начин, да направи кампања, за да си ги врати приврзаниците на трибините, да ги донесе најмалите за да го почувствуваат духот и да се заљубат во клубот. Како што тоа им се случи на нивните татковци. Вардар мора да најде начин за секој домашен меч да има барем половина од гледачите што ќе дојдат за европските мечеви. Ако нешто уште сега може да се најави дека треба да привлече јавност е играта на Вардар. Со Јаневски, македонската репрезентација го играше најубавиот фудбал во последната деценија. Против Победа на прволигашкото дерби, веднаш се виде дека црвено-црните на „неатрактивните мечеви“ ќе игра европски фудбал со цел – гол повеќе. Тоа треба да биде мотив плус за посетеноста.

Еден клуб е голем не само според трофеите, историјата, легендите, успесите. Еден клуб е голем колку што има армија на приврзаници, колку што е гледан и посетуван. Вардар дефинитивно заслужува голема посета, а на Скопје е тоа да го потврди.

Ревардаризацијата почна и не смее тука да застане!