Не го мачете повеќе, „Градски парк“ е зрел за – еутаназија!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Салата „Градски парк“ одамна не ги исполнува ниту најелементарните услови за тренирање и за одигрување врвни натпревари. Вода во соблекувалните повеќе нема отколку што има, кровот прокиснува, греењето е сведено на минималниот минимум, паркетот е зрел за промена, а трибините се преблиску и носат можност за директен атак врз актерите на теренот.

Ова се факти кои сите инволвирани во кошарката ги знаат, но со години наназад ги премолчуваат, во интерес на овој спорт. Инцидентот на вчерашното вечно дерби, кое беше прекинато поради плукање, без разлика кој за што е виновен, само повторно ги извадија на површина. И ни покажаа во што сме најдобри – туркањето на проблемите под тепих.

Плукање и фрлање предмети има со децении, наредби за поставување заштитни огради исто така. Но, освен мали шминкерски промени, ништо суштински не е сменето. Плуканиците и понатаму се декор на секој малку пожесток натпревар, теренот е како бојно поле, а гостите се како глинени гулаби кои само чекаат да видат кога, а не дали ќе бидат погодени.

Сето ова е и разбирливо, барем во делот на условите и начинот на кој е конструиран „Градски парк“. Малкумина знаат дека станува збор за објект од ПРИВРЕМЕН карактер изграден наменски – за потребите на Светското првенство (СП) 1970 година во Југославија. Во него се играла прелиминарна група од каде што потоа најдобрите заминале на пресметките во Љубљана.

Но, иако требало веднаш да биде срушен, тој поради умешноста на тогашните наши спортски работници е оставен да поживее уште малку. На наша голема среќа. Бидејќи во следните речиси пет децении стана светол олтар на македонската кошарка, место каде што никнале многу блескави генерации и биле постигнати огромни успеси. Тоа не се однесува само на кошаркарите на Работнички, туку и на нивните колешки од некогаш силниот Студент, на одбојкар(к)ите, каратист(к)ите, средношколските и училишните екипи. Во него играла репрезентацијата на Југославија во своите најдобри времиња, во него почна националниот тим на самостојна Македонија.

Секоја чест на сите други, но „Градски парк“ е основниот синоним за кошаркарскиот спорт кај нас. Храм во кој секој имал огромна желба да настапи, а секое стапнување на паркетот било од животно значење и се памтело вечно. Покрај огромниот број спортистите, во неговата историја се вметнати и чичко Миле, чичко Боге, Лазо, Мишко, Поли...

Токму ваквата историја е и главна причина што не треба дополнително да го мачиме нашиот храм. Време е да прифатиме дека дојде време за негова - еутаназија. Да му овозможиме достојна смрт, за да го паметиме по илјадниците историски пресметки во него на кошаркарски величини какви што сега само може да гледаме на телевизија. А, не по случувања налик на вчерашните и на многи слични на нив во последните години.

Бидејќи дури и најголемите и највредните не можат да живеат вечно. На тие околу нив е должноста да го препознаат моментот кога уживањето преминува во мачење.