МКФ (на)прави еден куп грешки во чекори, ама и - лична во напад!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Дека ниту една поголема организација не се предводи со далечинско односно со телефон, каков што е случајот со Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и со нејзиниот претседател Петар Наумоски, се докажа и со вчерашниот состанок на Управниот одбор (УО) на кој беа направени огромен број преседани за кои во минатото веднаш - „летале глави“.

Популарниот Пеце летово од семејни причини се пресели во Истанбул, но најави дека оттаму ќе се грижи Куќата на кошарката да функционира како швајцарски часовник. Но, веќе на првата пречка, се случи хаос со одлуки надвор од актите, кои веднаш потоа беа преиначувани и од кои се срамеа дури и самите членови на кошаркарската влада.

Тоа првенствено со однесува на (не)играњето, пред сѐ, во салата „Градски парк“, без разлика на критичката реторика на луѓе од МКФ во однос на условите кои владеат таму. Беше направена комисија за лиценцирање, со фанфари беа потенцирани евидентните проблеми, дури веќе беше купен подарок за пензионирање, за на крај, синоќа, сето тоа да биде ставено во папката „пу, пу, не важи“. Па, уште бевме сведоци на обид за релативизирање на овој проблем, кој генерално не дојде до клубовите против кои игра Работнички, туку од самата Куќа на кошарката со најава за подобрување на условите кои треба да се исполнат за настап во Првата лига. А, епилогот е по онаа народната - „се тресеше гората, ама се роди глушец“.

Уште поголем пропуст на популарниот Пеце и на неговата свита е враќањето на Шкупи во првата лига. Тука не само што си го прекршија својот збор, кој им беше напишан на нивниот интернет-сајт дека кој нема да плати до предвидениот рок нема да биде дел од елитата, туку и си поништија одлуки кои самите ги донесоа неколку дена претходно. Така, имаме официјална одлука од Комитетот за итност на МКФ (потпишана и печатирана) која вели дека „се усвојува Систем за натпреварување во Сениорските лиги за натпреварувачка сезона 2018/19 со учество на 10 екипи во Првата лига“, но набрзо потоа, најверојатно по некои телефонски повици „од горе“, тимот на Шкупи е ставен во ждрепката без одлуката за негово враќање да биде официјализирана. За вакво нешто дури и судија-почетник би досудил грешка во чекори, а можеби и техничка грешка за „мачкање очи“ на јавноста.

Капак на сето ова е и давањето попуст на тие што цела година не плаќаат ништо и тоа ако во рок од два месеци (?!) ги платат старите долгови. Можеме само да замислиме како им било на тие клубови кои редовни и навреме си ги извршиле своите обврски и дали во главата им дошла мисла да си бараат поврат на парите кои не би ги платиле ако не би биле толку ревносни и совесни во својата финансиска работа. Приказна за себе е и суспензијата за Ненад Димитријевиќ, особено во ситуација кога за илјадници полоши работи е направен компромис, но за него луѓето во МКФ цврсто се држат околу правилата. И тоа без разлика што во моментов е можеби единствениот кој би можел да има интернационална кариера налик на таа на Антиќ или Илиевски.

Сето ова говори дека бродот наречен МКФ во моментов тешко плови по брановите кои секојдневно „удираат“ од сите страни, особено кога капетанот наместо на крмата си се шета на Босфорот и кога наместо да го видиме на некоја домашна средба или состанок во федерацијата, го гледаме како се шета низ Истанбул и ужива во турската гурманска кујна.

Најчесно во една ваква ситуација е Наумоски, со оглед што живее илјада километри од канцеларијата во која треба да е секој ден, да не чека да му измине мандатот туку веднаш самиот да се повлече и да остапи простор на некој што секојдневно ќе може да се фати в коштец со ваквите или слични проблеми. Па, можеби на неговите грешки ќе се научат и тие што би требало да го заменат, особено лекцијата која вели дека секогаш е подобро прво да се размисли па да се каже гласно, а не отпосле да има ретерирања и јавна промена во ставовите.