„Желба на Михаел Шумахер е никој да не знае за неговото здравје“

Пет години по големата несреќа на француските Алпи, Михаел Шумахер исчезна од јавноста преживувајќи тешки моменти по тешките повреди на главата, поради кои практично вегетираше сите овие години.

Утре големиот Шумахер ќе наполни 50 години. Неговиот поранешен клуб Ферари најави изложба со сите можни експонати од неговиот претстој во „црвениот барон“ и освоените пет шампионски титули од седумте кои ги има во кариерата. И првпат по трагедијата, сопругата на Шуми, Корина во соопштение за јавноста им се заблагодари на сите за поддршката што Шумахер ја добива секојдневно.

„Драго ни е и од сè срце ви се заблагодаруваме што ќе го прославите 50-от роденден на Михаел, со него и сонас. Можете да бидете сигурни дека е во добри раце и дека правиме сè што е можно за да му помогнеме. Ве молам за разбирање, зашто ние постапуваме по неговите желби, а чувствителните теми како здравјето се приватност и желба на Милаел да не се знае ништо за тоа. Ви благодариме на поддршката, пријателството и Ви посакуваме среќна 2019 година“, напишала Корина.

За состојбата на Шумахер не знае никој-ништо, а последна информација која се појави е дека месечно лекувањето на големата автомобилистичка ѕвезда чини 55.000 евра.