„Време е да го оставиме Шумахер да живее во мир“

Петта година по ред изминува како еден од најголемите возачи на сите времиња и најтрофеен возач во Формула 1, Михаел Шумахер доживеа тешка повреда на главата поради која вегетира во овој период, а толкаво време медиумите се обидуваат да дознаат нешто повеќе за неговата здравствена ситуација.

Шумахер ја повреди главата на скијање на француските Алпи, откако при еден пад удрил во карпа, по што беше во индуцирана кома, а многу лекари не предвидуваа во изминатиот период подобрување на состојбата, повикувајќи се на информациите што се пласираат низ медиумите за здравствената состојба на германската легенда.

Шумахер веќе неколку години е дома, опкружен само од семејството, а еден од ретките што може да го посети е поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, кој побара од јавноста и медиумите да го остават популарниот Шуми да живее во мир.

„Време е да го пуштиме Шумахер да го живее својот живот во мир“, порачал Тод, не сакајќи да открие ништо повеќе околу состојбата на Германецот.