Викендов повторно ќе има трки на Водно

По повод ослободувањето на Градот Скопје, АКК Скопје викендов организира трки на Водно каде централниот настан ќе започне в недела од 11 часот.

Ридско-брзинскиот натпревар ќе се бодува за државниот шампионат во автомобилизам на Република Македонија за 2018 година. Натпреварот ќе се одржи на 10 и 11 ноември 2018 год., на падините на планината Водно, во Скопје.

Одржувањето на натпреварот кој се поклопува со временскиот период на прославата по повод државниот празник 13 ноември, Ослободување на Градот Скопје, секако има дополнителна симболика и значење.

„Автомобилистичкиот спорт привлекува голем број на посетители, а нашата заложба е во врска со овие активности да бидат информирани и вклучени што е можно повеќе чинители, со што дополнително би се подигнало нивото и реномето на овој натпревар и воопшто на автомобилистичкиот спорт во Република Македонија“, пишува во соопштението на организаторот.

В сабота од 12:30 часот е закажан официјалниот тренинг, а в недела од 11:00 и 12:30 се закажани двете возења.  Споменатата патека ќе биде затворена за сообраќај од 10:00 часот за време на одржување на тренинзите (сабота) и од 09:00 часот за време на одржување на натпреварите (недела).