Торо Росо најде нов возач: Брендон Хартли ќе дебитира во САД

Брендон Хартли ќе вози во болидот на Торо Росо на трката за Големата награда на САД што ќе се одржи идниот викенд во Остин, Тексас.

Новозеланѓанецот ќе има шанса да дебитира во најпрестижното автомобилистичко натпреварување, откако неочекувано му се укажа жанса. Тој ќе го замени Пјер Гасли, кој ќе вози во јапонската Супер Формула во која е кандидат за титулата.

„Чувството е неверојатно. Оваа шанса доаѓа малку неочекувано, но јас никогаш не се откажав од мојата амбиција и од детскиот сон да возам во Формула 1. Научив многу изминатиов период откако ја напуштив јуниорската програма на Ред Бул и тешките години кои ги минав ме направија многу посилен возач“, изјави Хартли, кој до 2010 година беше резервен возач во Ред Бул и Торо Росо, а сега за прв пат ќе добие шанса да дебитира во Ф1.

Вториот болид на Торо Росо ќе го вози Данил Квајт, кој се враќа во Формула 1 откако не ги возеше претходните две трки поради слабите перформанси и беше заменет со Гасли.

Овие промени во таборот на Торо Росо доаѓаат откако Карлос Сајнц Јуниор последните три сезонски трки ќе ги вози на позајмица во тимот на Рено, на кој ќе му се приклучи официјално идната сезона, но ќе ги искористи овие трки да се навикне на болидот и работата во францускиот тим.