Тарквини издоминира на премиерата во ВТЦР, а Иџе го остави без зборови на тестовите

Интернационалната автомобилистичка федерација (ФИА) ги промени натпреварувањата во шампионатите за туристички автомобили, кои сега имаат нови спецификации.

Во новоформираниот ВТЦР шампионат на првото натпреварување во Маракеш, Мароко победи Габриеле Тарквини од Хјундаи и тоа со два триумфи на трите трки. Оваа информација е интересна за македонската јавност, бидејќи нашиот автомобилист Игор Стефановски Иџе го импресионираше Италијанецот на претсезонските тестови.

Тој со Хјундаито на Тарквини на патеката „Нуволари“ во Италија постигнувал неверојатни времиња, кои го оставиле Тарквини во неверица. Без никаков претходен тест или подесување на возилото на Тарквини, круговите на Стефановски ги зачудиле и инженерите на Хјундаи, велат од тимот на Иџе. Никој не можел да поверува како вози побрзо од самиот Тарквини.

Иџе оваа сезона има во план да се натпреварува во европскиот ТЦР шампионат, но немаме повеќе детали околу тоа со кое возило ќе се трка. Од неговиот тим не откриваат премногу информации, но најавуваат дека наскоро работите ќе бидат појасни. Со неколкуте победи изминатите две сезони во ЕТЦЦ шампионатот, Иџе покажа дека може да остави голем белег во автомобилизмот, а оваа сезона треба да биде уште поинтересна за македонската јавност, бидејќи ќе гледаме и македонски двобој.

Веќе е потврдено дека Виктор Давидовски ќе се натпреварува во ЕТЦР шампионатот со возило Хонда. Сигурно дека ќе биде интересно да се продолжи ривалството од македонските трки, овој пат во европски рамки.

ЕТЦР шампионатот започнува на 5-6 мај во Франција на патеката „Пол Рикар“. Ќе се возат вкупно седум трки во Холандија (Зандвурт), Белгија (Спа) Унгарија (Хунгароринг), Холандија (Асен), Италија (Монца) и Шпанија (Барселона).

Наскоро очекуваме и официјална потврда од Стефановски дека ќе се трка во ЕТЦР шампионатот.