Стефановски ќе стартува од 12-та позиција, Давидовски од 20-та

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе ќе стартува од 12-та позиција на утрешното гранпри во Зандворт (Холандија) во шампионатот во ТЦР-серијата, а вториот Македонец, Виктор Давидовски ќе тргне од 20-та позиција по денешните квалификации.

Стефановски, кој на воведното гранпри во сезоната, во втората трка тешко го оштети своето Хјундаи, во изминатите две недели имаше битка со времетo за да го оспособи автомобилот за втората сезонска трка и успеа во тоа, па Иџе по двете квалификациски сесии, на крајот стигна до 12-та стартна позиција.

Иџе имаше далеку подобро возење во првата сесија, а нешто послабо во втората, па со времето од 1:46,778 минути беше 12-ти. Давидовски, пак, во првата сесија оствари време од 1:47,885 што беше доволно за 20-то стартно место.

Трката во Зандворт ќе се води утре од 12.20 часот, за кога е закажан стартот во првата трка, а втората е на програмата од 14.55 часот.