Релито „Дакар“ после 11 години се сели од Јужна Америка во – Саудиска Арабија!

Едно од најпрестижните, но истовремено и најтешко светско рели на светот, „Дака“ после 11 години повеќе нема да се вози во Јужна Америка и ќе се пресели во Саудиска Арабија.

Во 42-годишната историја на ова исцрпувачко рели, сега третпат тоа ќе го менува континентот, откако по инагурацијата во 1977 година по идеја на Тиери Сабин, тргна како рели „Париз – Дакар“ зашто главната рута водеше од француската престолнина преку најголемата пустина Сахара до главниот град на Сенегал. И тоа рели се возеше се до 2009 година, кога беше преселено во Јужна Америка поради константни закани од ектремистички групи, што беше сериозна закана за учесниците.

Преселбата преку Атлантикот во Јужна Америка во изминативе 11 години се покажа како полн погодок, најмногу и поради неверојатните услови од високите Анди, па се до пустините Атакама и брегот на Пацификот. Сега преселбата во Саудиска Арабија е иницирана од парите, па најмалку следните пет ќе се возат на арапскиот полуостров.

Според најавите „Дакар“ нема да се вози само во Саудиска Арабија, иако најголем дел од етапите ќе бидат во оваа земја, ама ќе има трки и низ Бахреин, Обединетите Арапски Емирари, а веројатно и Оман.

Катар ќе извиси поради затегнатите политички односи со земјите во опкружувањето, иако актуелниот првак во ова рели е токму Катарец – Насер Ал Атијах.