Раиконен: Ф1 би била подобра ако нема толку ср**е по медиумите

Кими Раиконен е познат по тоа што ретко има трпение со новинарите и медиумите воопшто. Поранешниот Формула 1 шампион, никогаш не сакал да дава интервјуа, а токму медиумите ги обвинува за лошиот имиџ на Формула 1. 

„Луѓето секогаш се жалат, 'Леле Формула 1 веќе не е возбудлива'. Па прашањето е зошто луѓето повеќе не се заинтересирани? Да бидам искрен, мислам дека во медиумите има многу ср**а, приказни, шпекулации и сите тие работи, ако немаше толку многу, мислам дека Ф1 ќе беше подобар спорт“, вели Финецот.

Раиконен продолжува да ги напаѓа новинарите за кои има малку почит. Низ неговата кариера се пишуваа разно-разни работи, па можеби и очекувано што популарниот „Асјмен“ не сака премногу да зборува со „седмата сила“.

„Луѓето се обидуваат да измислат многу работи без никаква смисла и со тоа само и штетат на Формула 1, мислам дека ако имаше помалку такви работи и повеќе вистински приказни, тогаш тоа сигурно ќе беше подобро за спортот“, додава Раиконен.

Шампионот од 2007 година од следната сезона ќе вози за тимот на Заубер во кој ја почна својата Формула 1 кариера.