Пријател на Шумахер ја откри неговата состојба: Гледавме многу трки заедно...

Жан Тод, поранешниот шеф на Ферари и најдобар пријател на Михаел Шумахер, откри каква е состојбата на легенарниот возач од Формула 1.

Шумахер денеска слави 50. роденден и неговата сопруга се огласи во јавност, но не откри повеќе детали за неговата состојба и колку оздравел по несреќата, која ја доживеа пред пет години.

Меѓутоа, неговиот пријател не беше толку внимателен и откри некои детали, според кои може да се заклучи дека здравствената состојба на Шумахер очигледно е подобрена.

Тод призна дека кај Шумахер неодамна ја гледале заедно трката за Големата награда на Бразил, а тоа не би се случило, доколку легендарниот возач бил приклучен на апарати и лежел во кревет.

„Со него гледав многу трки пред и по несреќата. Гледавме многу трки заедно и ќе гледаме уште многу во иднина“, кажа Тод.

По повод неговиот роденден многу славни возачи испратија порака со поддршка до Шумахер.

„Шумахер беше мој учител. Заедничкото време во Ферари за мене беше фантастично искуство“, кажа Фелипе Маса.

Луис Хамилтон призна дека Шумахер и понатаму го смета за најголем во историјата, а Себастијан Фетел кажа дека му недостигале неговите совети во претходните години.