Победа за Мерцедес во Австралија, но славеникот не е Хамилтон, туку Ботас!

Сезоната 2019 во Формула 1 почна со 1-2 победа на Мерцедес, но со името на Валтери Ботас највисоко на подиумот. Финецот ја оствари четвртата победа во својата кариера, прва по Абу Даби 2017, притоа не освои 25, ами 26 поени, користејќи го новото правило за дополнителен бод.

Ботас заслужи tтриумф на првата трка во сезоната 2019 уште од првиот метар на „Алберт парк“. Стартуваше од втората позиција, но неспоредливо подобро од Луис Хамилтон пред него, па го престигна уште во првиот свиок. Предноста ја чуваше до крајот со стабилна тактика, менувајќи ги гумите во 24. круг (8 по Хамилтон), безбеден од какви било притисоци.

Поживо беше зад него, каде што Хамилтон ја сочува втората позиција од Макс Ферстапен, кој завшри трет, првпат на подиумот во Авсралија. Разочара Ферари, очигледно побавни од конкурентите, Себастијан Фетел и Шарл Леклер завршија на четвртата, односно на петтата позиција. Листата со бодови ја комплетираа Магнусен, Хулкенберг, Раиконен, Строл и Квјат. 

Ботас не само што победи, туку тоа го направи со освоени 26 бода, првпат во историјата, бидејќи го исползува новото правило за дополнителен бод за возачот кој го поставил најбрзиот круг (под услов да е пласиран во топ-10).

Следната трка се вози во Бахреин на 31 март.