Нова сезона - исти резултати: Пол-позиција за Хамилтон во Австралија!

Петкратниот, актуелен шампион во Формула 1, Луис Хамилтон од Мерцедес, беше најбрз на квалификациите за големата награда на Австралија, достигнувајќи два рекорда на Михаел Шумахер.

Британецот уште еднаш ја покажа силата на Мерцедес, пласирајќи се на пол-позицијата, за 112 илјадити делови од секундата пред тимскиот колега Валтери Ботас. Финецот беше најбрз во третата квалификациска сесија, но во последниот круг Хамилтон го надмина. Ботас и тогаш водеше, но во третиот сектор од кругот на „Алберт парк“ ја загуби предноста.

Ферари беше доволно добар за да го освои третото место, во името на Себастијан Фетел. Неговиот нов сотимец, Шарл Леклер, заврши петти, а меѓу нив се пласира Макс Ферстапен од Ред Бул. Шести и седми беа „најдобрите меѓу останатите“, Грожан и Магнусен од Хас, а на осмата позиција Ландо Норис од Мекларен беше најдобриот дебитант. 

Хамилтон шеста година едноподруго ќе стартува прв во Австралија, сепак, досега само еднаш тоа му донело победа, така што ништо не му е загарантирано. Засега јасно е дека со оваа 84. пол-позиција во својата кариера го изедначи два рекорда. Едниот на Михаел Шумахер и на Аиртон Сена, со осум пол-позиции на една иста трка (Шумахер во Сузука, Сена во Имола), а вториот е број на пол-позиции во еден ист тим, 58, колку и Шумахер во Ферари.

Трката се вози утре со почеток од 6 часот и 10 минути.