Момче со даунов синдром ќе вози на релито Дакар (ВИДЕО)

Лукас Барон ќе напише нова страница во историјата на најпрестижното светско рели, Дакар, зашто ќе биде првиот учесник со даунов синдром на најтешкото рели кое ќе се вози низ Перу, а во 70 отсто од делниците ќе бидат низ пустина и ќе се вози по песок.

Лукас, кој има 25 години ќе му биде навигатор на својот татко Жак на десетдневното рели, кое стартува в недела и ќе се води до 17 јануари. Лукас и Жак ќе се натпреваруаат во категоријата УТВ, а ова нема да им биде прво рели заедно, зашто во септември го возеа перуанското рели „Десафио Инса“ и завршија седми.

Лукас е роден во Перу, цел живот спортувал и покрај дауновиот синдром, па тренирал фудбал, пливање, сурфинг... Сега има нова цел да ги премине сите песочни дини и да го заврши најтешкото светско рели.

Жак, пак, објави дека организаторите на Дакар немаат проблем со Лукас и фактот дека има даунов синдром, но дека како за секој друг учесник, тој ќе мора да ги мине лекарските прегледи, кои се неопходни за да се добие дозвола.

„Лукас знае како да ја гледа температурата на маслото, затегнувањето на гумите. Неговите очи се очи на колата“, вели Жак, кој инаку работи како инженер.

Целта на Жак и Лукас Барон е да го завршат ова рели.