МК „Ендуро тим Водно“ со четворица возачи ќе проба да ја освои Европа

Мотоциклистичкиот клуб „Ендуро Тим Водно“ од Скопје сезонава по вторпат ќе ја претставува Македонија во меѓународни рамки, сега со далеку посериозен пристап од минатата, кога беше формиран тимот.

Екипата ќе настапи со четворица возачи во две натпреварувања, двојно повеќе од минатата година и тоа во БМУ европските првенства. Во брзинскиот шампионат ќе возат Христијан Бузалковски и Игор Спиров, кои и минатата сезона беа членови на нашата екипа. Тие ќе настапат во категориите до 125 и 600 кубни сантиметри (Бузалковски), односно до 1.000 кубни сантиметри (Спиров).

Во мото-крос шампионатот, пак, ќе возат Христијан Станковиќ и Виктор Караколев, двајцата во категоријата до 250 кубни сантиметри и тоа во класата MX.

Во брзинскиот шампионат ќе се возат 13 трки во Грција, Роанија и Бугарија, а можеби и во Македонија. Ќе се бодува за европскиот, за бугарскиот, за романскиот и за македонскиот шампионат. Во мото-крос ќе се возат седум трки викенди, а ќе се бодува за европскиот и за српскиот шампионат. Можно е да се случи и во Македонија да гледаме неколку ендуро трки.