Мерцедес и Ферари одбиле да бидат дел од документарецот за Ф1

Извршниот продуцент на компанијата „Нетфликс“, Пол Мартин кажа дека екипите на Мерцедес и Ферари не сакале да учествуваат во снимањето на документарен филм за „најбрзиот циркус“ во светот.

„Нетфликс“ минатата сезона побара пристап во боксовите на Формула 1 за да сними документарен серијал од десет епизоди.

Од вкупно десет екипи во Ф1, на барањето се согласиле осум, односно сите освен најголемите Мерцедес и Ферари.

„Тие одбија учество во серијалот и покажаа непочит кон навивачите. Условите беа доволно добри за осум екипи, па требаше да бидат и за Мерцедес и Ферари“, кажа продуцентот.

Од Ферари не го коментираа тоа, а од Мерцедес соопштија дека ова е спорт во кој треба посветеност и фокус на целиот тим, а снимањето на серијал ќе им пречело во тоа.