Мерцедес доминираше во Монте Карло: Хамилтон ја освои пол-позицијата

Луис Хамилтон ќе почне од првата позиција на трката за Големата награда на Монако, која се вози утре од 15.10 часот на улиците во Монте Карло.

Денешните квалификации не донесоа ништо ново, па Мерцедес продолжи со доминацијата, додека Ферари повторно разочара.

Хамилтон најбрзиот круг го извозе за 1:10.166, односно за нијанса побрзо од тимскиот колега Валтери Ботас, па така ја освои 85. пол-позиција во кариерата.

Со речиси половина секунда задоцнување на третата позиција беше Макс Ферстапен, додека Себастијан Фетел ќе тргне четврти.

Во топ 10 завршија уште Пјер Гасли, Кевин Магнусен, Даниел Рикардо, Данил Квајт, Карлос Сајнц и Александер Албон.

Најголем губитник денеска беше Шарл Леклер, кој не го помина ниту првиот круг од квалификациите, па утре ќе тргне дури од 16. позиција.