Маркез се враќа: Едвај чекам да се тркам на „Портимао“

Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез доби зелено светло од докторите да се врати на трките во Мото ГП по тешката повреда на раката и трите операции. 

Осумкратниот светски шампион ќе го вози мотоциклот на Хонда идниот викенд во Португалија, кога на програмата е третата сезонска трка. Шпанецот ја скрши раката на ланската прва сезонска трка во Херез во месец јули. Не се тркаше ниту еднаш потоа, бидејќи се појавија нови проблеми со раката, откако се повреди уште еднаш додека беше дома на рехабилитација.

По три операции, докторите конечно му дозволија повторно да се трка, што се одлични вести за Хонда. Тимот не беше конкурентен без својот шампион, а сезонава негова замена на првите две трки беше Штефан Брадл. 

„Беа тешки девет месеци, со многу моменти на несигурност со многу падови. Сега конечно ќе можам повторно да уживам во мојата страст. Се гледаме следниот викенд во Портимао“, рече Маркез.