Маркез по 18 месеци победи во Мото ГП: Ова е еден од најважните моменти во кариерата! (ВИДЕО)

Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез после 18 месеци конечно победи во кралската класа во Мото ГП, откако неприкосновено стигна до победа денеска на Голрмата награда на Германија, која се возеше на „Сахсенринг“.

За Маркез ова беше 57 победа во кариерата, а шесткраниот првак на германското гранпри триумфираше по 11-ти пат, а од оваа долга пауза дури девет месеци беше во аут поради скршеница и операција на раката, а остатокот е дел од ланскиот локдаун, прекинатата сезона, како и паузата помеѓу двете сезони.

Зад Шпанецот заврши Мигел Оливеира од КТМ, додека трет заврши Фабио Квартараро од Јамаха.

„Ова е еден од најважните моменти во мојата кариера. Знаев дека денеска е големата шанса, не беше лесно психички да се издржи периодов, се враќам после еден многу тежок период. Пред овој викенд си поставив цел барем да се најдам на подиумот. После четвртиот круг си реков ова е денот, ама не беше лесно, на секој свиок ми се појавуваа сликите од ситуацијата во минатата година, но успеав“, рече Маркез.