Маркез ја освои пол-позицијата во Тексас, ама направи и инцидент

Возачот на Репсол Хонда, Марк Маркез ја освои пол-позицијата во квалификациите за Големата награда на САД, која се вози на патеката во Остин, па Шпанецот ќе тргне од првата позиција на утрешното гранпри во мотоциклизам.

Актуелниот шампион во кралската класа во Мото ГП во Тексас стигна до шестата пол-позиција во низа на оваа патека, на која триумфираше петпати досега, па утре ќе се обиде да ја продолжи таа низа.

Тој со Хондата оствари најбрзо време од 2:03,658 минути, но повторно квалификациите не минаа мирно, затоа што при еден круг ја изгуби контролата и падна, а потоа имаше инцидент со Маверик Вилјалес, на кого му влезе во брзиот круг и му го попречи идеалниот правец.

Винјалес на крајот со четири десетинки заостаток заврши како втор, додека трет беше Андреа Јаноне на Сузуки. Четврти е Жоан Зарко на Јамаха Тех 3, а петто најбрзо време оствари легендарниот Валентино Роси. Потоа следат Хорхе Лоренцо на Дукати, Кал Карачолу на ЛЦР Хонда, Андреа Довициозо на Дукати, Дани Педроса на Хонса, а првите десет ги затвори Данило Петручи на Прамак Рејсинг.

Гранприто на САД се вози утре од 21 часот во Тексас.