Луис Хамилтон уште еден чекор поблиску до титулата: Пол-позиција во Тексас!

Луис Хамилтон го освои првото место на квалификациите за трката во Остин, за големата награда на САД.

Првиот фаворит за титулата беше побрз од Себастијан Фетел за 239 илјадити делови од секундата благодарение одличниот последен круг. По слично сценарио и Фетел го освои второто место. Беше четврти, со преку седум десетинки заостанување зад тогашниот лидер, но во финалниот круг скокна до првиот стартен ред.

Вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас, се пласираше на третото место со 46 стотинки заостанување зад Хамилтон, додека за четвртото место имаше вистинска драма бидејќи и Даниел Рикардо и Кими Раиконен имаа идентично време – 1:33.577. Возачот на Ред Бул ја доби подобрата позиција само затоа што прв го постави времето.

Утрешната трка може да го потврди Хамилтон како нов шампион, но само ако тој победи, а Фетел е шести или пониско.