Лоренцо ја освои Австрија, а Маркез ја зголеми предноста во генералниот пласман

Шпанскиот мотоциклист Хорхе Лоренцо со Дукати победи денеска на Големата награда на Австрија, која се возеше на патеката „Спилберг“, триумфирајќи за 130 илјадитинки пред актуелниот лидер во генералниот пласман и негов сонародник Марк Маркез, кој со второто место ја зголеми предноста на табелата.

Во суперинтересната трка во кралската класа Мото ГП, Лоренцо беше најбрз на „Спилберг“, Маркез заврши втор, а најголемиот ривал на Шпанецот, „докторот“ Валентино Роси дури шести. По ваквиот расплет, Маркез сега има 201 бод во генералниот пламан, Роси е втор со 142, а Лоренцо по победата е трет со 130 бодови.

Во класите 2 и 3 во шампионатот во мотоциклизам победија Италијанците, Франческо Бигнаиа (Калекс) и Марко Бецеки (КТМ), кои сега водат и во генералниот пласман во своите класи. Бигнаиа сега има 189 бода, три повеќе од вториот Мигел Оливеира од Португалија со КТМ, додека Бецеки води со 12 бода предност пред Шпанецот Хорхе Мартин со Хонда.