Леташе со болид, тешко се повреди, ама амбициозно најавува – ќе возам Формула 1

Софија Флоерш пред повеќе од еден месеци доживеа страшна незгода во Формула 3, кога буквално полета со својот болид на Големата награда на Макао, но Германката решена брзо да се врати на патеките и тоа да вози во Формула 1.

Болидот на Флоерш остана без тркала, а потоа летна во заштитната ограда и се искрши, но за среќа Германката мина со сериозни повреди, иако целиот хаос делуваше страшно, па првата помисла на гледачите беше дека се случи и најлошото. Софија веќе може да ги мрда рацете и нозете, иако има повреда на рбетот, а веќе комуницира со најблиските.

По хоророт што се случи, кога со 171 километар на час се заби во оградата, Флоерш заврши на операција, која траела 11 часа. Завршила со еден скршен пршлен на рбетот.

„Кога излета тркалото, се сеќавам дека изгубив контрола над болидот и потоа го направив тоа што ме учеа – го пушташ воланот, се спремаш за удар и чекаш! Чудно е чувството да леташ во воздух. Јас само чекав да се забијам во ѕидот, но не го видов, зашто долетав во 'рикверц'“, се присеќа Софија

Таа не била свесна за тежината на повредите, па дури кога требало да и прават операција дознала дека сепак преживала ужас.

„По ударот, на почеток ништо не ми беше. Ништо не ме болеше. Очите ми беа само полни со пена за гасење пожар и одеднаш – ме пресече. Прво ме удри силна болка во грбот и телото, нозете почнаа да ме болат поради ударот во кокпитот. Имав многу модринки. И веднаш почнав да ги мрдам. Помислив, во ред е, штом можам да ги мрдам нозете. Еден пршлен ми е скршен. Докторите ми земаа коска од колкот за да го заменат оштетениот рбет. Сето тоа го врзаа со метална плочка. Имав среќа што ребрата го заштитиле целиот рбет“, додава Флоерш.

И најави, нема откажување, зашто цел е да вози во вистинската Формула 1.

„Оваа повреда и оваа несреќа нема да ме предомислат. Јас се враќам на патеките штом закрепнам. Сонот, а и целта ми е да возам Формула 1“, додава таа.