Легендарен возач го победи туморот: Имам среќа што сум жив!

Поранешниот возач во Формула 1, Рубенс Барикело, откри дека има среќа што е жив, откако било откриено дека има тумор на вратот.

Бразилецот беше итно пренесен во болница во февруари поради силна главоболка, а иако беше пуштен на домашно лекување, неколку дена подоцна мораше да замине на операција, со која му беше отстранет туморот.

Во текот на интервјуто за една бразилска телевизија, Барикело првпат јавно ја покажа големата лузна на левата страна, која му останала по операцијата.

„По сѐ што се случи, заминав на голем број прегледи за да дознаам повеќе за својата здравствена состојба и откриен ми беше мал тумор на вратот, кој беше отстранет по трката, која ја возев на Интерлагос. Сепак, туморот стануваше се поголем, па не сакав такви проблеми додека возам“, кажа Барикело.

Познатиот возач, исто така, објасни дека докторите му кажале дека има среќа што нема да има тешки последици.

„Семеен пријател, кој е доктор, виде дека сум во лоша состојба и навистина имав среќа. Вената поради која се создало воспалението, се регенерирала сама за два часа. Кога ја напуштив болницата, ми кажаа дека само 14% од луѓет се извлекувале од ситуација во каква што сум бил јас“, открива поранешниот возач на Ферари.

Легендарниот возач, исто така, објасни како завршил во болница.

„Бев дома, се туширав и наеднаш почуствував голема главоболка. Од нула до десет, би рекол дека тоа е главоболка за осум или девет. Толку беше силна. Легнав на подот, не сакав никого да разбудам, но не престана. Заминав во спалната и ја разбудив сопругата, а кога ми се влоши состојбата, знаев дека морам да заминам во болница“, објаснува Барикело.

Во текот на 19-годишната кариера, Барикело возеше за Џордан, Стјуарт, Ферари, Хонда, Брон и Вилијамс, а има 11 победи, како и 68 пати се качи на победничкиот подиум.