Изгласано е новото правило во Формула 1 – почнува од викендов!

Формула 1 и официјално го усвои новото правило, пред почетокот на сезоната 2019. Почнувајќи од првата трка, претстојниов викенд, во Австралија, шанса за дополнителен поен ќе има возачот, кој поставил најбрз круг за време на трката.

Светскиот мотоспорт совет при ФИА (ВМСЦ), го одобри овој предлог уште минатата недела, но остануваше само да биде изгласан од Ф1. Гласањето се случи денеска, реализирано од комисија на Ф1, што значи правилото ќе биде активно веќе на првата трка, в недела во Мелбурн.

Според него, дополнителен бод ќе добие возачот кој го поставил најбрзиот круг на трката, но под услов, ако на крај се пласира меѓу првите 10. Во спротивно, тој бод нема да биде доделен никому.

Вакво правило постоеше во Формула 1 во периодот од 1950 до 1959 година, а во 1958 дури беше решавачко за титлуата, освоена од Мајк Хоторн.

Квалификациите за големата награда на Австралија се в сабота од 8 часот, а трката в недела од 7.10.