Хонда во традиционални бои и во новата сезона (ВИДЕО)

Тимот на Репсол Хонда од Мото ГП шампионатот ги претстави клупските бои во кои нивните возачи Марк Маркез и Дани Педроса, ќе се натпреваруваат во новата сезона.

Возачите на екипата пред презентацијата во Индонезија имаа успешни тестирања во Тајланд на патеката „Бурирам“, каде што Маркез во вториот ден беше најбрз додека 24 часови подоцна тоа му успеа на Педроса.

На претставувањето на новите мотори, Маркез кажа дека му е многу мило што ќе има шанса да се дружи со навивачите во Индонезија, а нагласи дека и во текот на зимата биле завршени многу работи.

„Оваа зима имавме два тестови и двата поминаа добро. Работевме вредно и во Катар за да имаме подобар почеток на сезоната. Повторно сакаме да се бориме за врвот, како и да им подготвиме на навивачите добра забава“, вели Маркез.

Со него се сложи и Педроса, кој потврди дека во тимот на Хонда досега се оди по планот.

„Досега се оди по планот. Сепак кога ќе се вратиме во Катар, ќе знаеме на што сме затоа што таму условите ќе бидат поинакви. Горд сум што и оваа сезона сум член на Репсол Хонда, а подготвен сум да дадам 100% од своите можности и да се борам за титулата“, кажа Педроса.

Да потсетиме, новата сезона во Мото ГП започнува на 18. март во Катар.