Откажана уште една трка во Ф1: Најважно во овие моменти е да го надминеме Ковид-19!

Продолжува одложувањето на трките во Формула 1 поради пандемијата на коронавирус, а последна во овој „црн календар“ влезе трката за Големата награда на Канада.

Трката во Монтреал е веќе деветта одложена или откажана од календарот за 2020 година. Требаше да се одржи на 14 јуни, но организаторите донесоа одлука да биде одложена затоа што процениле дека премногу е кратко времето дотогаш за да се смири пандемијата која беснее низ Европа и во САД, во овој период..

Најважно во овие моменти е да го надминеме Ковид-19. Ве очекуваме на патеката „Жил Вилнев“ штом ќе биде безбедно за одржување на трка, истакна претседателот на канадското ГП, Франсоа Думонтие.

Оваа патека е веќе деветта трка која е одложена или откажана од календарот за 2020 по Австралија, Бахреин, Виетнам, Кина, Холандија, Шпанија, Монако и Азербејџан. Само три од овие трки со сигурност кажаа дека нема да бараат нов датум во 2020, што значи се со статус откажани, додека останатите уште се водат како одложени. Сепак, како поминува времето, надежта дека 2020 ќе ги собере сите преостанати 20 трки сè повеќе избледнува.