Хамилтон за еден ден заработува колку просечен Македонец за 26 години!

Светскиот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон минатото лето доби нов договор со Мерцедес, па според новата соработка до 2020 година, ќе добие 30 милиони фунти плус 10 милиони во бонуси.

Хамилтон тоа го прави еден од најбогатите спортисти во светот, а 33-годишниот возач во превод заработува 4.600 фунти за еден час, односно за цел ден заработува 109.000 фунти. За само една недела неговата заработка достигнува 769.000 фунти, а на месечно ниво добива 3.3 милиони.

Доколку треба да споредиме со просечната македонска плата, која изнесува речиси 26.000 денари (ние ќе заокружиме на 400 евра), според Заводот за статистика, тогаш може да кажеме дека еден Македонец за да ја заработи дневната плата на Хамилтон треба да работи неверојатни 26 години.