Хамилтон сериозно се закани дека ќе ја напушти Формула 1

Старо-новиот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, кој денеска ќе стартува од пол-позицијата за Големата награда на Бразил на патеката „Интерлагос“ се закани дека ќе го напушти нагламурозниот „октански циркус“, ако Светската автомобилистичка федерација (ФИА) продолжи да го зголемува календарот на трки во сезона.

Хамилтон се заканил дека ќе ја напушти Ф1, ако се остварат плановите на ФИА во сезона да се возат 25 трки. Изминатата недела беше објавено дека Виетнам ќе добие трка од 2020 година, а веќе во преговори се трки да има и во Индонезија, како и улични трки во Њујорк и Мајами.

„Искрено, јас сега се чувствувам како да има 25 трки во сезона. Ширењето на календарот не мислам дека е нешто добро. Порано имавме 18 три и тоа беше добар календар, добар број на трки. Јас сакам да се тркам, ама сезоната е предолга и сето тоа е напорно и премногу за сите. Не е лесно цела година да си одвоен од семејството“, вели Хамилтон.

Со преголем број на трки се скратува периодот за одмор, а по завршување на сезоната, многу брзо почнува подготовката за новата сезона и сè така во круг.

„Многу е тешко. Треба човек да се опушти по завршувањето на сезоната, зошто потоа следат подготовки за новата. Така да, кога ќе има 25 трки во сезона, мене повеќе нема да ме има во Ф1“, рекол Хамилтон.

Моментно сезоната во Ф1 има 21 трка и тој календар веќе е потврден за 2019 година.