Хамилтон распука по Ф1: Не разбирам зошто сме тука, кога цел свет реагира на коронавирусот

Формула 1 сезоната започнува викендов во Мелбурн, каде се вози првата трка за Големата награда на Австралија. Актуелниот светски шампион Луис Хамилтон смета дека трката требаше да биде или одложена или откажан, бидејќи во светот владее пандемија поради коронавирусот. 

Возачот на Мерцедес смета дека за организаторите поважни се парите, отколку здравјето на луѓето, со оглед на фактот дека тројца членови на тимовите (двајца од Хаас и еден од Мекларен) се во карантин и се тестирани за Ковид-19.

„Јас навистина сум изненаден што воопшто сме тука“, рече Хамилтон пред новинарите на „Алберт парк“. „Добро е што имаме трки, но за мене е шокантно што сме тука сите заедно во оваа соба. Веќе има голем број навивачи. Изгледа дека остатокот од светот реагира на настаните, иако малку предоцна. Ова утро видовме дека суспендирана е сезоната во НБА, американскиот претседател Доналд Трамп ги забрани авионските летови од Европа, но Формула 1 продолжува. Слушнав дека резултатите од тестовите за коронавирус нема да стигнат за неколку дена, дури по завршување на трката. Коинциденција? Кешот е кралот! Мислам дека не треба да се срамам да го дадам своето мислење. Заради навивачите, сметам дека сите ќе ги почитуваат препораките. Шетав низ патеката и гледам дека сите работат како да е обичен и нормален ден, но реалноста не е таква“, рече Британецот.