Хамилтон поради бизарна грешка ќе останеше без победа во Германија (ВИДЕО)

Големи возбудувања беа забележани на трката за Големата награда на Германија. Прв низ целта помина Луис Хамилтон, а еден час подоцна мораше да чека одлука од судиите дали ќе му биде доделена победата.

Англичанецот во финишот на трката влезе во бокс, а потоа го промени движењето и премина преку полна бела линија и така се врати на патеката, а тоа е спротивно на правилата.

Судиите по состанокот одлучија Хамилтон да ја задржи победата, поради тоа што во тие моменти на патеката имаше хаотични временски услови, па возачот на Мерцедес доби само предупредување.

Судиската комисија во предвид го зема и признанието на возачот дека направил грешка, а тоа се случило за време на сигурносното возило кога брзината на болидите беше ограничена, па движењето на Хамилтон не ги загрози останатите учесници во трката.

Денешната победа на Хамилтон му го донесе првото место во генералниот пласман и 17 бодови предност пред возачот на Ферари, Себастијан Фетел.