Хамилтон останува во Мерцедес уште најмалку две години!

Ставен е крај на шпекулациите околу иднината на Луис Хамилтон, со денешниот нов договор меѓу него и Мерцедес.

Актуелниот шампион во Формула 1 потпиша нов, двегодишен договор со Мерцедес, со можност за продолжување за уште една, дополнителна година.

„Откако се приклучи на Мерцедес во 2013 година, Луис освои три титули и победи на 44 трки. До крајот на 2020 година, ќе има поминато осум сезони како возач во Мерцедес, што ќе биде негов најдолг период со еден тим во овој спорт. Уште од неговото деби во Ф1, во 2007 година, секоја трка која Луис ја возеше, беше со мотор на Мерцедес-Бенз. Со 65 победи во кариерата, тој е втор во историјата на Ф1, зад Михаел Шумахер. Со сите овие достигнувања Луис заработи место во историјата како најуспешниот возач во 112-годишната гран-при традиција на Мерцедес“, пишува во соопштението на Мерцедес.

Она што фрапира е сумата која Хамилтон ќе ја заработува – 40 милиони фунти (44,5 милиони евра) по сезона. Тоа е, на пример, 15 милиони евра повеќе од Кристијано Роналдо, кој штотуку направи скап трансфер во Јувентус.

„Јас сум со семејството Мерцедес уште од 1998 година. Засекогаш ќе бидам благодарен на нивната поддршка, љубов и заштита низ сиве години. Неверојатно сум горд на она што го постигнавме и уште повозбуден за иднината“, напиша Хамилтон на Твитер.

Првиот човек на Мерцедес, Тото Волф, долго време се обидуваше да го обезбеди неговиот потпис, бидејќи стариот договор истекуваше на крајот од оваа година. Не криеше дека сака да го „врзе“ 33-годишниот Британец на пет години, но Хамилтон тактизираше.

Едно време се појави и верзија дека ќе прекине да вози Формула 1, но сега ова продолжување од две години е сосема разбирливо. Третата опционална не е ставена случајно, бидејќи во 2021 година се очекува Ф1 да претрпи големи промени од аспект на правилата и карактеристиките на болидите, па ако му се допаѓа – Хамилтон ќе продолжи.