Хамилтон нема да вози на втората трка во Бахреин поради – коронавирусот!

Само два дена откако победи во трката во Бахреин, која беше хаотична и која долго ќе се памети по страшната несреќа на Грожан кој едвај спаси жива глава, светскиот првак Луис Хамилтон дозна дека нема да биде дел од вториот спектакл во оваа земја, закажан следниот викенд и тоа поради – коронавирусот.

Британецот утриво добил позитивен тест на Ковид-19, поради што морал да замине во самоизолација. Пред последната трка, тој имал три негативни теста, но по триумфот дознал дека лице со кое контактирал пред да дојде во Бахреин е заразено со Ковид-19, а во меѓувреме му се појавиле и благи симптоми на оваа болест.

„Согласно сите протоколи, Луис Хамилтон се наоѓа во самоизолација и нема да може да вози на следната трка од Формула 1 шампионатот“, објави неговиот тим Мерцедес.

Хамилтон веќе ја има обезбедено титулата, но желно ја очекуваше оваа трка за да го зголеми бројот победи во кариерата, со цел да избие на првото место на вечната листа најголеми победници. Засега не е познато кој ќе го замени во тимот на Мерцедес.