Французинот Зарко ги изненади сите - пол-позиција во Јапонија!

Французинот од Јамаха, Жоан Зарко е освојувач на пол-позицијата за трката во Јапонија, од Мото ГП шампионатот.

На квалификациите, кои се возеа утрово, Зарко ги изненади конкурентите и со доцен најбрз круг стигна до втората пол-позиција оваа сезона, воедно и во неговата кариера со оглед дека е дебитант.

Зарко извозе 1:53.469 во финишот од квалификациската сесија и со тоа го надмина Данило Петручи од Дукати. Голем фаворит се очекуваше да биде Марк Маркез и така почна со најбрзо време во првиот дел од квалификациите, но малку експериментираше, па на крај заврши трет.

Во вториот ред се најдоа Алеш Еспаргаро, Хорхе Лоренцо и Дани Педроса, а во третиот ред се Бредли Смит и Пол Еспаргаро, покрај Андреа Довициозо, кој заврши дури деветти.

Трката во Јапонија е 15. во календарот, до крајот на сезоната има уште четири, сметајќи ја и неа, а во генералниот пласман води Маркез со 224 бода, пред Довициозо со 208.